Граѓаните кои работеле на Блискиот Исток, главно во Ирак и Авганистан, повторно протестираа пред канцелариите на Управата за јавни приходи во Тетово.
Тие побараа да се повлечат решенијата за ретроактивна наплата на даноци издадени од УЈП, бидејќи истите се задоцнети.
– Да се поништат сите решенија донесени со ретроактивно дејство. Не смее да се дозволи граѓаните денес да се оптоваруваат со обврски кои во моментот кога настанале не постоеле или биле поинаку толкувани. Бараме сите решенија донесени на ретроактивна основа и сите такви постапки да се запрат до целосно правно разјаснување. Бараме вклучување на универзитетски професори и независни експерти за правилно толкување на даночниот закон, вели Фариз Бајрами.
На протестот во Тетово им се приклучија и граѓани од други градови. Граѓаните кои дојдоа од Куманово изјавија дека за петок имаат закажано средба со директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова.
-Имаме три јасни барања. Прво, сите донесени решенија да се прекинат, бидејќи сите ние сме работеле по шест, седум или осум месеци, и според член 5 од законот за нерезиденти, имаме докази дека таму сме платиле данок. Сите докази што ги доставивме тие не ги прифаќаат. Второ, бараме одговорност од нив, бидејќи ова се случува по пет години – зошто тогаш не нè известија, туку нè информираат по толку долго време, вели Зоран Наковски, граѓанин од Куманово.
-Не може некој да докажува дека си резидент, а си бил седум месеци надвор од државата. Ова е една од темите за кои треба да се разговара со Елена Петрова во петок, за да се најде решение овие решенија да се поништат и да не настанат дополнителни компликации и за други лица, вели Жикица Миланов, граѓанин од Куманово.
Средбата меѓу директорката на УЈП, Елена Петрова, и учесниците на протестите е закажана за петок во просториите на Управата за јавни приходи во Скопје.
