Нов силен земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала утрово го погоди крајниот исток на Русија, јавува EMSC.
Според извештаите, земјотресот се случил во близина на брегот на крајниот југ од полуостровот Камчатка.
Епицентарот бил на длабочина од околу 40 километри. Ова е најсилниот во серијата земјотреси што следеа на 30 јули, кога регионот беше погоден од еден од најсилните земјотреси во историјата – земјотрес со магнитуда од 8,8 степени.
По тој земјотрес, следеа стотици „афтершокови“, со магнитуда до 6,5 степени.
Земјотрес со интензитет од 6,5 степени според Меркалиевата скала се случи утрово во близина на Северокурилск во Сахалинската област, изјави за РИА Новости Елена Семјонова, раководител на сеизмолошката станица „Јужен Сахалинск“.
„Земјотрес со магнитуда од 6,5 степени е регистриран во Тихиот Океан на 3 август во 16:37 часот по локално време (08:37 часот по московско време). Епицентарот се наоѓал на 124 километри источно од градот Северокурилск, на островот Парамушир, а фокусната точка била на длабочина од 19 километри“, изјави сеизмологот.
Според соговорникот на агенцијата, жителите на Северокурилск почувствувале земјотрес со јачина од четири степени според Меркалиевата скала.
