Дизелот од денеска се продава за 101,5 денари за литар, а поскапуваат и бензините кои се продаваат по 95 и 93 денари за литар. Ова неминовно ќе се одрази врз зголемувањето на цените на сите производи, особено на основните прехранбени. Од СДСМ обвинуваат дека ова е нов удар врз стандардот на граѓаните и бараат Владата итно да донесе мерки.
„Цените на дизелот надминаа 100 денари за литар. За 43% се покачени во изминатите 6 месеци, што значи цените на храната повторно ќе растат, а Владата на Мицкоски не превзема ништо. Ценовниот бран сега ќе биде уште потежок затоа што половина од семејниот буџет на македонските граѓани оди на храна и пијалоци. Потрошувачката кошничка достигна речиси 70.000 денари а платите не мрдаат“, вели Јована Тренчевска.
Премиерот возврати дека Македонија има најниска инфлација и најниски цени на горивата. Рече дека ваквата состојба со бензините на светските берзи ќе потрае и дека Владата размислува да донесе мерки, но не прецизираше какви ќе бидат тие.
„Да, планираме, имаме јасна стратегија имаме јасен план. Според нашите анализи ова ќе потрае, може да потрае и неколку години оваа состојба што се случува во Заливот така што внимателно ги повлекуваме чекорите за да не ја нарушиме макроекономската стабилност во државата а од друга страна да обезбедиме убедливо најниски горива за граѓаните и за индустријата во Македонија“, порача Христијан Мицкоски.
После новата корекција на цените на горивата која важи од ноќеска, најголемо поскапување бележи дизелот чија цена се зголеми за 3,5 денари за литар и достигна 101.5 денари, додека бензините ќе се продаваат по 93 и 95 денари, односно нивното зголемување е за 1,5 денари за литар од досегашната цена.
