Уште еден пациент заразен со Западнонилска треска почина на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Станува збор за 72-годишен пациент со повеќе сериозни придружни заболувања, кој бил примен во тешка општа состојба и со сериозна клиничка слика.
Директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана, информираше дека пациентот починал вчера во попладневните часови.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 18 пациенти, од кои кај 15 лабораториски е потврдена западнонилска треска. Тројца пациенти се наоѓаат на одделот за интензивна нега.
Од Клиниката досега се излекувани и отпуштени вкупно 27 пациенти.
Во меѓувреме, министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека Агенцијата за храна и ветеринарство потврдила присуство на западнонилска треска кај угинат гавран во Ресен.
По добиената информација, веднаш биле известени Центарот за јавно здравје Битола и Општина Ресен, со цел да се преземат засилени мерки и, доколку има потреба, да се спроведе прскање против комарци.
„Важно е граѓаните да пријавуваат угинати гаврани, бидејќи гавранот е генерално стационарна птица и може да биде показател за локална циркулација на вирусот“, порача Клековски.
Министерот додаде дека во тек е тестирање и на уште две птици од скопското подрачје. Надлежните институции ја следат состојбата и најавуваат соодветна реакција зависно од резултатите и развојот на ситуацијата.
Западнонилската треска најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец, а птиците, особено гавраните, можат да бидат индикатор за присуство и циркулација на вирусот во одредено подрачје.
