Нов тендер за автобусите во Скопје – Ѓорѓиевски: 100-те нови автобуси ќе го „спасат“ јавниот превоз

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По трет пат се распишува тендерот за набавка на нови автобуси за Град Скопје од страна на Министерството за транспорт. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изрази жалење што владиниот тендер за набавка на нови автобуси по втор пат пропадна.

На последната седница на Советот, одговарајќи на критики од советниците, тој изјави дека хаосот со јавниот превоз во главниот град ќе се нормализира по пристигнувањето на 100 електрични автобуси за Скопје и 50 нови автобуси за други градови, кои ги набавува Владата.

„Тендерот е во процес, повторно е отворен и се надевам дека оваа постапка ќе биде успешна. Свесен сум во какви тешкотии се наоѓаат граѓаните. Верувајте, даваме сè од себе. И вчера имавме седница во Советот, поправивме 40 автобуси кои се ставени во функција, но тие не се соодветни за граѓаните на Скопје. Нам ни требаат нови автобуси!“, вели Ѓорѓиевски.

Државната комисија за жалби по јавни набавки на крајот на мај го поништи тендерот за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење, на кој како најповолни понудувачи беа избрани унгарската компанија „Електробус-Икарус“ и австриската ЕВН.
Одлуката следела откако една од четирите компании што учествувале во јавниот повик поднела жалба до Комисијата. Ова е втор неуспешен обид на Владата за набавка на електрични автобуси. Првиот тендер, објавен во јуни 2025 година, пропаднал затоа што единствениот понудувач не ги исполнувал условите.

„Јас би бил најсреќен доколку постапката за тендерирање се реализира, имајќи предвид дека никој не очекуваше да биде поништена. Информациите што ги имав од министерот беа во позитивна насока. Почнавме со подготовки градот да ја стави во движење возната флота, но се случи тоа што се случи – не можеме ништо да смениме, мора да гледаме напред со новата тендерска постапка за која верувам дека ќе биде успешна.“, рече Ѓорѓиевски.

Вкупната проценета вредност на набавката, според објавата на Бирото за јавни набавки, изнесува околу 51 милион евра. Од 150 автобуси, 100 се наменети за Град Скопје, а 50 за други градови. Новите автобуси се очекува да го олеснат движењето на скопјани, бидејќи со старите возила бројот на патници во ЈСП во последната деценија е преполовен.