Проблемот со големите долгови на болниците низ целата држава е тоа што со години не е променет ценовникот на услуги што ги даваат, а кој доаѓа од Фондот за здравство. Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека единствено решение за да се реши финансискиот проблем е да се избришат долговите и да се направи рационализација. Клиниките и болниците минатата година имале долг од над 75 милиони евра.
„Повеќето болници за жал се задолжени, единствено решение е евентуално да се избришат тие долгови. Болницата дава услуга која што пред 10 години била многу поевтина и сега нормално е многу поскапа во било која приватна ординација е невозможно да не се задолжува болницата. Така што мора да се корегираат цените на услугите што ги даваат болниците а ги плаќа Фондот“, рече Таравари.

Во врска со вработувањата Таравари и претходно потврди дека ќе има вработување на 300 специјализанти и на околу 1.200 од средно медицинскиот кадар.
„Некои од болниците имаат нови систематизации, околу 20, набргу можат веќе сами да објават конкурси и да ги вработат. 300 ќе бидат вработени до крајот на март, 300 други до крајот на декември 2025 година. Илјада и 180 средно-медицински кадар генерално кои што беа договорци по 5, 10 и повеќе години исто така до крајот на март треба сите овие да им се даде решение во здравствените установи“, рече Таравари.
За состојбата во здравството реагираа и од СДСМ од каде рекоа дека тоа е во хаос и пред целосен колапс, дека нема лекови, нема кадар ниту пак квалитетни здравствени услуги.
