Нов вонреден надзор на инспекторат за животна средина во фабриката „Пејпар мил“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државниот инспекторат за животна средина вчера направил вонреден инспекциски надзор во фабриката за хартија „Пејпар мил“ во Кочани, откако била добиена пријава од граѓанин за присуство на видлив чад и повремен мирис од согорувањето пелети во фабричкиот котел.

Во текот на надзорот биле извршени мерења на емисиите на прашина и штетни гасови од страна на акредитирана лабораторија, ангажирана од страна на Инспекторатот.

-Со надзорот се утврди дека при вградувањето на новата опрема за автоматизација на системот за пречистување и одведување на отпадните гасови се оштетени делови од вреќастиот филтер. Пред да се влошат состојбите, акредитираната лабораторија имаше утврдено дека емисиите на прашина, со помош на вреќастиот филтер, се во обем од осум милиграми на кубен метар, што е далеку под дозволената гранична вредност. Инспекторатот даде рок од еден месец за доведување на емисиите во рамки на овие вредности, се истакнува во писменото известување од Државниот инспекторат за животна средина.

Од Инспекторатот информираат дека „Пејпар мил“ е задолжен да заврши со набавката на потребните делови и да го поправи целиот систем, вклучително и на новата автоматика за пречистување и одведување на гасовите, за да се спречи загадувањето на животната средина. Во меѓувреме функционира водениот филтер – скрубер, а за добивање енергија се користи биомаса и плин.

Доколку со новите мерења, што ќе се извршат дополнително, се утврдат надминувања на граничните вредности утврдени со дозволата, Инспекторатот ќе преземе дополнителни мерки.