Арбен Таравари од владејачката коалиција ВРЕДИ, не потврди дали ќе го поддржат вчерашниот предлог на Алијансата за Албанците на чело со Зијадин Села, доколку во Уставниот суд се покрене иницијатива за уставноста на кој било закон донесен со Бадентер, истото да се направи во Судот, одлуката да се носи со Бадентер.
Таравари вели дека АА предложила закон за правична застапеност во 2020 година, притоа обвинувајќи ги Ахмети и Села дека нерегулирањето на законите за јазиците и за Бадентер до сега се причина што тие денес се соочуваат со вакви проблеми. Таравари не се согласува со одлуката на Уставниот суд, но вели дека немаат што да прават. Како Влада подготвуваат нов предлог закон за правична застапеност при вработување.
„Не ги разбирам г. Села и г. Ахмети зошто сега се сетивте дека треба да има Бадентер во Уставниот суд. Господинот Села, како близок пријател на господинот Ахмети, има апсолутна, локална и централна власт веќе 22 години. Зошто не донесоа закон за албанскиот јазик? Зошто не го донесоа да се гласа во Уставен суд? Се сетивте сега? Да им дадеме уште 22 години да направат такво нешто? Зошто не го направија тоа до сега? Продавањето магла и филозофија е многу лесно“, вели Арбен Таравари.
На одлуката на Уставниот суд реагираше и ДУИ. Тие ги уверуваат граѓаните дека ќе останат будни за заштитата на овој механизам, бидејќи како што велат, само така може да се обезбеди сигурна иднина за сите граѓани на државата. Ја обвинуваат ВРЕДИ дека замижува и дозволува уништување на достигнувањата на Албанците.
„Со оваа одлука се нарушува правичната застапеност на Албанците во државните институции, односно нема повеќе работа за Албанците. Поради тоа, ДУИ апелира за итно преиспитување на оваа одлука, со цел да се заштити интегритетот на уставниот поредок и да се обезбеди принципот на правична и соодветна застапеност да остане ефективен и применлив во пракса“, велат од ДУИ.
Од друга страна, македонскиот политички блок ја поздрави одлуката на Уставниот суд. Министерот за јавна администрација, кој доаѓа од редовите на ЗНАМ, Горан Минчев, вели дека ќе се подготви нов предлог закон. Не ја знае содржината на истиот, но вели дека е добро да се донесе откако Уставниот суд ќе донесе конечна одлука.
За укинување на Балансерот е и СДСМ.
Инаку Уставниот суд во даденото образложение за одлуката, изрази сомнежи дека со Балансерот се загрозуваат основните човекови слободи кои се меѓународно право загарантирано со нашиот Устав. Според Судот, сечие право е да се чувствува по слободно убедување во однос на етничката припадност, како и доколку сака да го изрази својот идентитет при процесот на вработување.
