Нов закон за возилата, спречување на злоупотребите – регистрацијата и техничкиот преглед под построг надзор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Собранието во прво читање го усвои Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возила, со кој се предвидува стеснување на просторот за злоупотреби при регистрацијата и техничкиот преглед на возилата, како и зголемување на институционалниот надзор.

Според пратениците, измените ќе придонесат за подобрување на услугите за граѓаните и за поголема одговорност на субјектите вклучени во процесот. По второто читање, законот се очекува да биде доставен на пленарна седница за конечно усвојување.

Најголем удар со новите законски измени се очекува да добијат манипулациите при продажбата и регистрацијата на возила, како и злоупотребите во станиците за технички преглед. За предложените измени се расправаше во Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика.

„Овие законски измени и дополнувања ќе обезбедат ефикасен надзор од надлежните институции со цел да се спречат можните злоупотреби. Предлозите имаат позитивна насока затоа што ќе ги подобрат услугите за граѓаните, ќе ја поедностават постапката и ќе ја зголемат одговорноста на субјектите кои учествуваат во процесот на регистрација на возилата. Овие измени и дополнувања нема да имаат дополнителни финансиски импликации врз државниот буџет.“, порача Тони Јаревски.

Претседателот на Комисијата, Бојан Стојаноски изјави дека согласно собраниската процедура, предлог-законот ќе продолжи во второ читање, по што ќе биде доставен на пленарна седница.

„Комисијата за економски прашања, труд и енергетски политики утврди дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возила треба да продолжи во понатамошна постапка. Ве молам да гласаме: кој е за предложениот заклучок? Шест гласаа ‘за’, против и воздржани нема. Констатирам дека заклучокот е усвоен.“, вели Бојан Стојаноски.

Потсетуваме дека ТВ21 претходно известуваше за трговците со возила и манипулациите што се правеле во постапките за регистрација и технички преглед. Голем број граѓани се жалат и на измами со враќање на километражата кај половните возила што ги продаваат поединци или помали трговски субјекти.

Надлежните институции, меѓу кои полицијата и царината, апелираат граѓаните да пријавуваат секоја сомнителна манипулација. Со новите законски измени се очекува да се зајакне меѓуинституционалната соработка и да се намалат злоупотребите при регистрацијата на постари возила и при вршењето технички прегледи.