Борбата со вирусот Западен Нил во земјава однесе уште еден човечки живот, со што вкупниот број на починати од оваа инфекција достигна пет лица. Најновата жртва е 73-годишен жител на скопската населба Ново Лисиче (Општина Аеродром), кој по повеќе од три недели хоспитализација им подлегна на компликациите.
Директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, информираше дека пациентот се наоѓал во исклучително тешка здравствена состојба уште од самиот прием.
„Пациентот беше 22 дена на Клиниката и од почетокот на приемот беше во многу тешка состојба. Беше сместен во Одделот за интензивно лекување и ставен на респираторна поддршка“, истакна Цана, појаснувајќи дека сериозните придружни заболувања дополнително го отежнале лекувањето и придонеле за трагичниот исход.
Состојбата на Инфективната клиника останува сериозна, со постојан прилив на нови пациенти. Во моментов се хоспитализирани 21 лице, од кои кај 18 е лабораториски потврдено присуството на вирусот со развиена невроинвазивна форма, додека за тројца се чекаат резултати.
Според Цана, речиси секојдневно се примаат нови болни, а бројката на хоспитализирани постојано се движи околу 20 лица. На интензивна нега во критична состојба се наоѓаат уште четири лица, сите на подлабока возраст, додека останатите пациенти се згрижени на Одделот за невроинфекции. Меѓу хоспитализираните има и едно помладо лице на 25-годишна возраст.
Позитивен аспект е што досега 19 пациенти успешно се излекувани и се испишани од болницата.
