Нова болница во Кичево, но не во 40-годишниот објект! Граѓаните скептични по децении ветувања

НАЈНОВИ ВЕСТИ


22 милиони евра ќе чини изградбата на новата болница во Кичево. Според најавата на Владата, објектот ќе се гради на влезот на градот покрај магистралниот пат, во близина на касарната.

Но, по долгата историја со недовршената болница, прашањето е дали граѓаните на Кичево сè уште веруваат во едно ново ветување.

АНКЕТА:

„Какво ново, 30 години се гради, какво ново, 100 влади се сменија.“

„Веруваме дека ќе се изгради, таму е подобро, попространо.“

„Ќе се изгради 100%, треба веќе да се заситени од крадење и од сè друго.“

„Се надеваме, веруваме!

ТВ21: Која локација е подобра, тука каде што беше или кај касарната?

„Ако се гради нова, подобро е кај касарната.“

Според заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, за три до шест месеци се очекува да биде потпишан договорот со Светската банка за реализација на проектот.

„Овој проблем да го решиме сериозно и да понудиме трајно и функционално решение. Инвестицискиот план е проценет на 22,5 милиони евра, концептот предвидува нова болница, нов објект со капацитет од 80 до 120 болнички кревети, современа медицинска опрема, современи услови за дијагностика, специјалистички услуги и болничко лекување.“, вели Андовски.

Во меѓувреме, постојниот објект, кој се гради со децении и никогаш не беше ставен во функција, според градоначалникот на Општина Кичево, Александар Јовановски, ќе добие друга намена. Ќе се користи како дом за стари лица и за деца со посебни потреби.