Нова ескалација на војната во Персискиот залив: САД нападнаа ирански позиции откако Иран лансираше дронови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американските сили утрово извршија напади врз ирански крајбрежни радарски позиции, откако соборија беспилотни летала лансирани од Иран кон Ормускиот Теснец, соопшти американската војска. Ова е најновата ескалација што дополнително ги усложнува напорите за ставање крај на војната меѓу двете земји.

Војската на САД смета дека четирите ирански дронови биле насочени кон регионалниот поморски сообраќај, изјави американски претставник за агенцијата Ројтерс. Централната команда на САД објави на платформата X дека потоа американските сили ги нападнале иранските надзорни позиции во Горук и на островот Кешм, кои се наоѓаат покрај Ормускиот Теснец.

Иранската Револуционерна гарда соопшти дека како одмазда за американските напади ги гаѓала американските бази во регионот со ракети, а исто така отворила оган врз четири танкери кои се обидувале да го преминат теснецот без нејзина дозвола.

Кувајтската противвоздушна одбрана пресретнала ракетни и беспилотни напади од непознато потекло, објавија тамошните државни медиуми, додека во Бахреин се огласиле сирени а жителите биле повикани да побараат засолниште. Иран тврди дека со балистички ракети погодил американски бази во двете земји, но американската војска соопшти дека шест ракети биле пресретнати, а седмата не ја достигнала целта.

САД и Иран госега водат претежно индиректни преговори за привремен договор со кој би се запрела тримесечната војна, а најспорните прашања, како иранската нуклеарна програма, би биле оставени за понатамошни преговори.

Но, и покрај повремените судири, се чини дека договор тешко може да се постигне. Техеран бара пристап до милијарди долари приходи од нафта и олеснувања на санкциите за извоз на нафтата, укинување на американската блокада на неговите пристаништа и поголемо влијание врз теснецот. Иран практично го блокираше Ормускиот Теснец, низ кој пред војната минуваше околу една петтина од светската трговија со нафта.

Американскиот претседател Трамп, кој се соочува со сè поголем политички притисок дома да стави крај на непопуларната војна поради која растат цените на горивата во САД, за NBC изјави дека иако поголемиот дел од иранските капацитети за производство на дронови и ракети биле уништени, Иранците сè уште располагаат со околу една петтина од својот ракетен арсенал.

„Тие имаат уште некои ракети, имаат уште некои дронови. Би рекол дека им останале можеби околу 21 до 22 проценти од нивните ракети. Тоа е сè уште голем број ракети, но не е она што беше кога првпат ги нападнавме“, изјави Трамп во емисијата „Meet the Press“ на NBC News, според извадоците што телевизиската мрежа ги објави во петокот.

На прашањето зошто иранските лидери не покажуваат поголема подготвеност за договор, ако се толку очајни како што тој ги прикажува, Трамп одговори: „Затоа што се силни. Горди се. Постојат работи што никогаш не мислеле дека ќе мора да ги направат, а сега ќе мора, бидејќи немаат избор. Но, за тоа е потребно малку време.“

Откако САД и Израел ја започнаа војната против Иран пред повеќе од 3 месеци, Техеран лансираше ракети и беспилотни летала кон соседните земји од Персискиот Залив во кои има американски воени бази и во голема мера го блокираше поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец. Конфликтот предизвика раст на цените на нафтата и нарушување на синџирите на снабдување со други производи.