Построгите критериуми во преговарачкиот процес со Европската унија ќе значат испорачување на поголема кредибилност во имплементацијата на владеењето на правото, борбата против корупцијата, економијата и обезбедување на добро функционирање на демократските институции и јавната администрација, но и усогласување на надворешната политика. Колку политичките елити во земјава ќе можат да одговорат на овие предизвици?
Иван Стефановски извршниот директор на Еуротинк вели дека во новата методологија ќе донесе постојана контрола и притисок врз политичарите да работат како што треба, но сепак вели, на крајот одлуката ќе биде политичка.
„Пораката од државите членки е дека оваа нова методологија треба да ги забрза преговорите, во секој случај да ги направи поефикасни и поефективни, меѓутоа да не заборавиме дека секој влез во унијата на крајот на краиштата е политичка одлука. Сметам дека на крајот сепак политичката одлука ќе надвладее над реалниот прогрес на кандидатите“, истакна Иван Стефановски.
Според него принципот на реверзибилност е многу опасен за нас односно иднината на граѓаните ќе зависи од потезите на политичарите, односно доколку тие не доведат до назадување тогаш целата држава и целото општество ќе има негативни последици. Како најчувствителен дел е поглавјето со кое се отвораат и затвораат преговорите, а тоа е владеењето на правото.
„За жал во последниве години државата прави мали бебешки чекори, далеку сме од напредок. Секојдневно гледаме големи корупциски скандали, сведочиме на темелни проблеми во функционирањето на судството, така што ова е поле во кој што дефинитивно треба да правиме големи и темелни реформи“, додава Стефановски.
Што очекуваат пак граѓаните?
По објавувањето на новата методологија за преговори со Европската унија, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров се во Загреб за да разменат мислења овој нов метод на проширување и улогата што Хрватска како актуелен претседавач со Европската унија ја има во однос на процесот на отворањето преговори со земјава.
Османи изјави дека со новата методологија се отвораат потенцијалите за европските интеграции на претстојните самити на Европската унија со што претседателството на Хрватска со унијата навистина добива шанса да биде историско за целиот регион, особено за Северна Македонија. Според Димитров граѓаните не се плашат од поголема строгост или враќање доколку постои назадување во реформите, бидејќи на тој начин политичарите ќе треба да го исполнуваат ветеното.
