ДНК-траги пронајдени на материјалите со кои биле обвиени скриените пари се клучен доказ против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, соопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Вештачењата покажале дека токму тој ги криел средствата, пронајдени заѕидани во домот на неговите родители во Неготино. Обвинителството тврди дека станува збор за 350.000 евра за кои нема доказ за законско потекло. Иако засега нема директно обвинение за поткуп, постојат индиции за тргување со влијание. Предложена е конфискација на имотот, а истрагата продолжува и за можна инволвираност на други лица. Случајот против судијата Ристов произлезе од истрагата за адвокатот Фехми Стафа, кој во декември 2025 година беше фатен ин флагранти при примање 20.000 евра, дел од договорен износ од 100.000 евра наменети за противзаконито влијание врз апелацискиот судија за укинување мерка притвор. Стафа ја призна вината, склучи спогодба со Обвинителството и беше осуден на една година и три месеци затвор.
