Нова порака од официјална Софија – Георгиев: Не можеме да имаме дополнителни услови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бугарија нема да има дополнителни услови – уверува шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев. Според него, тоа се докажува со Резолуцијата неодамна усвоена во Собранието, во која се вели бугарските власти да не отстапуваат од договореното во францускиот предлог.

„Важна компонента од Решението кое го усвои Народното собрание е дека нема и не можеме да имаме дополнителни услови и барања кои се однесуваат на присоединувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија.“, вели Георгиев.

Георгиев додава дека Резолуцијата на бугарското Собрание е одговор на тензијата поттикната од, како што вели, реториката која доаѓа од највисокото политичко ниво во Македонија.

„Јас сметам дека, од највисокото државно место, одговараме на т.н. тревоги на нашите партнери и пријатели од таа страна на западната граница, кои сте слушнале дека повеќе пати изразувале опасности дека ако го сменат нивниот Устав Бугарија ќе може да постави дополнителни услови. Тоа не било, не е и нема да биде случај.“, рече Георгиев.

Бугарскиот министер нагласи дека зачленувањето во Унијата не е даденост и секоја земја-кандидат треба да ги исполнува критериумите и условите. Пратеници пак од партијата на министерот, ГЕРБ, која е дел од Европската народна партија, се задоволни што нема зелено светло за Извештајот за напредокот на Македонија, што го изготви известувачот Томас Вајц.

„Желбата ни е Република Северна Македонија да започне преговори со Европската Унија, но откако ќе видиме дека оние антибугарски сили, кои според нас се антиевропски, не бидат во позицијата да раководат со државата Република Северна Македонија. Се надеваме дека тоа ќе се случи час поскоро.“, вели Тома Биков, пратеник од владејачката партија ГЕРБ.

На барање на Вајц вчера беше одложена расправата за Извештајот. Бугарските европратеници го обвинија Вајц за нерегуларности, а властите во земјава очекуваат текстот да биде усвоен и со него да се потврди засебниот македонски идентитет и јазик.