Португалскиот фудбал го потресе нова страшна трагедија, откако на 53-годишна возраст ненадејно почина поранешниот капитен на Порто и на репрезентацијата Жорге Коста.
Коста починал како последица на срцев удар во тренинг центарот на Порто во Оливал, јавуваат португалските медиуми.
Тој гостувал на една телевизија, по што заминал во тренинг центарот, но одеднаш му се слошило, по што веднаш била почната реанимација, но безуспешно.
Коста пред неколку години имал срцев удар, но успеал да закрепне.
Коста одигра 342 меча за Порто, со кого ја освои и Лигата на шампионите и трофејот во Лигата на Европа. Тој одигра 50 натпревари за репрезентацијата на Португалија.
Коста после завршувањето на играчката кариера, беше тренер и селектор на неколку екипи, но смртта го затекна како директор на Порто, тимот во кој мина повеќе од 15 години.
Пред неколку недели Португалија беше шокирана по смртта на репрезентативецот Диого Жота, кој заедно со неговиот брат Андре Силва загинаа во сообраќајна несреќа во северниот дел на Шпанија.
