Уште еден починат од вирусот на Западнонилска треска со вкупниот број на починати досега е 5 пациенти. Директорот на Инфективна клиника Фадиљ Цана вели дека се работи за 73-годишен човек со тешка клиничка слика и бројни заболувања кои придонеле за влошувања на состојбата и негова смрт. Тој рече дека пациентот бил жител на Аеродром односно Долно Лисиче и се лекувал 22 дена. Цана информираше и за тоа колку во моментов има хоспитализирано на Клиниката.
-Заклучно со денешниот ден на Клиниката се хоспитализирани моментално 21 пациент од кои 18 пациенти се со потврдена западнонилска вируска инфекција невроинвазивна форма, додека тројца пациенти се со клиничка дијагноза, значи се сметаат како суспектни. Од останатите во тешка општа состојба се уште четворица пациенти за сега кои се лекуваат во Одделот за интензивно лекување, изјави Фадиљ Цана, директор на Инфективна клиника.
Досега излекувани пациенти и пуштени на домашна нега се 19, но Цана вели дека кај нив на Клиника се само еден процент од заболените кои се со мали тегови, но состојбата е сериозна кај оние кои развиле невроинвазивна форма, иако помладите пациенти полесно ја поминуваат болеста.
-Секаде каде што имаме засегање на нервниот систем се работи за нервоинвазивна форма. Кај сите овие пациенти кои се хоспитализираат кај нас имаме потврдено акутно воспаление на мозокот и мозочните обвивки. Дали се работи за помлад или за постар, кај сите овие пациенти што се хоспитализирани на Клиниката е потврдена таа невроинвазивна форма што ја нарекуваме медицински, изјави Фадиљ Цана, директор на Инфективна клиника.
Цана додаде и дека секојдневно на Клиниката се хоспитализираат лица кои се заразени од овој вирус кој се пренесува од комарец.
