Најдобриот тенисер во светот, Новак Ѓоковиќ во интервју за „Би-би-си“ јасно кажа дека не е анти-ваксер и дека нема ништо против вакцината, а откри и зошто беше депортиран од Австралија.
За потсетување, на Новак на почетокот на јануари двапати му ја одземаа визата, по што мораше да оди во хотел за мигранти, а по второто патување на суд мораше да ја напушти Австралија без можност за учество на првиот Грен слем на сезоната.
Новак најпрво се осврна на коментарот дека коронавирусот го добил во вистинско време, односно во средината на декември за да може да замине во Австралија без вакцина, односно да добие лекарско ослободување.
„Разбирам дека има многу критики и разбирам дека луѓето излегуваат со различни теории за тоа колку имав среќа или колку беше згодно сето тоа. Но, никој не е среќен да ја добие короната. Милиони луѓе ја имаат и се борат со неа ширум светот. Затоа ова го сфаќам многу сериозно и не ми се допаѓа што некој мисли дека сум злоупотребил нешто за да добијам позитивен ПЦР тест за да заминам во Австралија“, изјави Ѓоковиќ кој категорично го отфрли сомнежот дека имало некаква врева околу тестот.
Неговото барање за медицинско изземање беше поднесено анонимно и беше прифатено од два независни австралиски совети.
Сепак, имаше посебна декларација за патување во која имаше грешка.
„Бев навистина тажен и разочаран од начинот на кој се заврши за мене во Австралија. Апсолутно, грешката во декларацијата за виза не е направена намерно. Ова беше прифатено и потврдено од Федералниот суд и самиот министер во австралиското Министерство за имиграција. Значи, она што луѓето веројатно не го знаат е дека не бев депортиран од Австралија со образложение дека не сум вакциниран, или дека прекршив некои правила или дека направив грешка во декларацијата за виза. Сето ова е всушност одобрено и потврдено од Федералниот суд на Австралија и министерот за имиграција. Причината поради која бев депортиран од Австралија е тоа што министерот за имиграција ја искористи својата дискреција да ми ја укине визата врз основа на неговата перцепција дека можам да создадам некое антиваксерско чувство во земјата или градот, со што целосно не се согласувам“, изјави српскиот тенисер.
