Македонија ќе се поврзе со европската гасна мрежа – потпишан договор за интерконекторот Македонија–Србија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија ќе се поврзе со европската гасна мрежа преку интерконекторот со Србија, со должина од околу 70 километри, од кои 23 километри на територијата на нашата држава. За изградба на македонскиот дел е избрана компанијата „Рапид Билд“, со договор во вредност од 29,4 милиони евра.

Интерконекторот ќе се протега од Клечевце до границата со Србија, кај Сопот, и ќе има дијаметар од половина метар. Се очекува да биде завршен во првиот квартал од 2028 година.

„Станува збор за договор според принципот „клуч на рака“, согласно моделот „филинг“, кој опфаќа урбанистичко планирање, проектирање, експропријација, изградба и обезбедување употребна дозвола. Нашиот дел од интерконекторот ќе биде со должина од 22,4 километри и со дијаметар од 500 милиметри. Почетната точка ќе биде во близина на блок-станицата Клечевце, додека крајната точка ќе биде на границата со Србија, во близина на селото Сопот“, вели Недим Рама.

Министерката за енергетика, Сања Божиновска, истакна дека со потпишувањето на договорот, гасниот интерконектор со Србија влегува во фаза на конкретна реализација. Според неа, поврзувањето со Србија ќе го отвори патот кон пазарите на гас во Централна Европа.

„Овој интерконектор е тесно поврзан со работата што веќе ја реализираме кон Грција. Интерконекторот со Грција создава нова јужна врска и обезбедува пристап до Трансјадранскиот гасовод, терминалите за течен природен гас и изворите на снабдување. Поврзувањето со Србија продолжува во оваа насока на север, кон пазарите во Централна Европа“, вели Сања Божиновска.

Премиерот Мицкоски информираше дека гасниот интерконектор со Грција се очекува да биде завршен во првата половина од следната година. Според него, со завршувањето на интерконекторот со Србија во 2028 година, Македонија ќе обезбеди целосна вертикална гасна поврзаност.

„По завршувањето на проектот и комплетирањето на интерконекторот, односно гасоводот што ќе нè поврзе со Грција, очекувам овој проект да заврши во првата половина од следната година, а доколку во 2028 година заврши и овој интерконектор со нашиот сосед, ќе добиеме целосна вертикална поврзаност, која е дел од Коридорот 10, и геостратешката позиција ќе биде многу позначајна по реализацијата на овие проекти, во споредба со онаа што беше во претходниот период“, вели Христијан Мицкоски.

Гасоводот Македонија–Србија ќе има капацитет до 160 илјади кубни метри гас на час, со проток во двете насоки. Преку интерконекторите со Грција и Србија, Македонија има за цел да стане транзитна точка за гасот кон Унгарија и Австрија.