Со насмевка, еден час по завршувањето на состанокот на Советот за безбедност се појави во јавноста. Ги поздрави сите, а поради коронавирусот, прес конференцијата се одржа на отворено.
„Изјава ќе даде Претседателот Стево Црвенковски, а потоа ќе одговори на вашите прашања“
„Пендаровски, молим те, Пендаровски“
„Пендаровски, извинете, повелете Претседателе“
Откако беше надминат проблемот се појави нов.
„Светлово ќе може ли малце да биде… бидејќи доаѓа директно“
Ги соопшти и одлуките донесени по како што рече интересната и долга дебата на шестата седница на Советот за безбедност.
„Врз основа пред се на кажаното и предложеното на седницата, одлучив да прогласам нова вонредна состојба, во траење од само 14 дена, наместо бараните 30“, истакна Стево Пендаровски.
Претседателот смета дека 14 денови се доволни со оглед на намалувањето на бројот на заразени од коронавирус, а причината е имплементација на социјално-економските мерки за ублажување од пандемијата.
Најави дека времетраењето на вонредната состојба нема никаква кореалција со датумот на избори. Околу датумот на избори ќе се разговара на нова лидерска средба која ќе се одржи на почетокот од следната недела.
„Во однос на тоа што ДИК го достави, таму се цитираат законските рокови кои се неопходни за да извлечеме еден транспарентен кредибилен процес. Тоа што ДИК не го кажува и не може да го каже бидејќи не е нејзина надлежност, е датумот на избори. Кога политичките лидери ќе решат да има избори, ќе ѝ се кажат тие работи на ДИК, тие ќе се приспособат, тие одат според законите“, додаде Пендаровски.
За одговорот од ОБСЕ/ОДИХРИ, претседателот изрази уверување дека многу скоро ќе го добијат.
Личниот став на Пендаровски, пак, е дека мора да има меѓународен мониторинг на изборите и оти без него, не би требало да се организираат избори.
По завршувањето на говорот и пред почетокот на новинарските прашања, претседателот се соочи со уште еден проблем. Го изгуби уредот за превод.
