Нови факти за случајот „Алфа“, Агим Ислами и Реџаил Ќерими осудени со незаконски докази?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Агим Ислами и Реџаил Ќерими се осудени врз основа на незаконски и наместени докази, покажало форензичкото вештачење на Ненад Шипка, директор на Центарот за форензичко вештачење во Србија. Според анализата Шипка вели дека Агим Ислами дури не бил на местото каде се случил злочинот.


„Со спроведување на оваа технологија, утврдивме дека сенката која е снимена на тоа видео не е на Агим Ислами. Со целосна одговорност велам дека Агим Ислами не е на видео снимката и нема пукано со огнено оружје кон автомобилот од марката Мазда 323Ф кој е најден на паркингот кај Природно- математичкиот факултет“, посочи Ненад Шипка, директор на Центарот за експертиза.


Шипка вели дека судот никогаш не утврдил дека тие го сториле делото, и дека направил погрешна класификација на предметот. Според него, и пресудата е погрешна, бидејќи анализата покажува дека во делото учествувале 4 лица а не 5 како што се вели во пресудата.


„Во пресудата се вели дека се убиени функционери, но на видеото кое го анализирав не постои никаква трага од возилото која може да потврди дека возилото е на полицијата на Македонија. Лицата кои биле во него немале никаква идентификација врз која може да се потврди дека се службени лица, а во пресудата не е утврдено дека 4-та лица кои го извршиле делото имала умисла да ги убијат лицата во автомобилот“, додаде Шипка.


Заедно со форензичката анализа, адвокатката на предметот, Артене Исеник до Кривичниот суд доставила и барање за повторно судење на предметот.


„Очекуваме судот многу брзо да донесе праведна одлука, да дозволи повторување на постапката и да ги ослободи осудените да се бранат од слобода. Потоа во постапка,праведна и непристрасна ќе докажеме дека двајцата казнети не се виновни“, истакна Артене Исени, адвокат.
Рамиз Даути, роднина на казнетите во случајот Алфа очекува вистината конечно да излезе на виделина.

„Јас само очекувам потврдување на тоа што го изјавуваме веќе 12 години, а 13 години станаа за Агим и Реџаил. Мислам дека време е да се реши случајот и да се одлучи праведно“, изјави Даути.


Српскиот експерт Шипка вели дека доколку судот ги почитува законите на земјава, тогаш треба предметот да се врати од почеток, а потврдува дека анализата е направена по најсовремена светска метода и таквата метода е акредитирана во Србија.

На 26 ноември 2008, на паркингот на Природно – математичкиот факултет во Скопје, со куршуми од калашњиков е убиен полицаец Албанец од единицата Алфа, 38 годишниот Африм Арифи. Беа ранети и двајцата негови колеги Македонци со кои бил на патрола, Саше Петровски и Едвард Алексовски. Во април 2010, за ова убиство на доживотен затвор се осудени Реџаил Ќерими од село Опаје Куманово и Агим Ислами од Скопје.