Нови избори стари ликови – партиите се плашат да излезат со нова понуда, сметаат политичките експерти

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Иако политичките партии меѓусебно се критикуваа дека политичкиот ривал излегува со веќе познати и како што велат истрошени кадри кои нема да донесат ништо ново, сепак ниту една од нив не излезе со нови ликови кои би ги предводеле кандидатските листи на претстојните парламентарни избори. Од двете најголеми партии во македонскиот блок СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ останаа во својата комфорна зона и на изборниот терен ќе истрчаат со кандидати кои се веќе познати во јавноста со што не би се довеле во ризик граѓаните да не ги препознаат како сериозна понуда, оценува политикологот Иво Ранѓеловиќ.

„Веројатно се работи за некоја партиска стратегија каде што партиите сепак се одлучија да истрчаат на терен со веќе познати ликови во јавноста без разлика дали се познати по позитивни или негативна пракса, меѓутоа одлуката беше очигледно од двете партии да излезат со своите најпопуларни, така да кажеме личности. Дали е тоа некој политички маркетинг, дали е тоа стратегија која ќе успее ќе видиме, сепак е поголем ризикот да истрчате на терен со условно кажано анонимни личности во вашата партија“, вели Иво Ранѓеловиќ.

Ранѓеловиќ оценува дека партиите сепак треба да излезат од своите политички ровови и на терен да истрчаат со нови понуди, но како што вели тоа  е тешко да се направи поради самата битка за лична промоција внатре во партиите.

„Со овие докажани, колку-толку јавноста ги знае, што се вика, им фаќа око, ред се на оние кои јавноста ги знае а не биле на функција, тука пред се мислам на оние во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тие ликови не биле на функција, не се истрошени политички условно кажано можеле да пројдат кај јавноста. Кај Социјалдемократскиот сојуз очекував малку посериозно тектонско движење да речам во смена на тие изборни единици, бидејќи одредени ликови веќе беа на функција не толку добро се покажаа во очите на јавноста и можеби требаше малку повеќе да рискираат“, порача Иво Ранѓеловиќ.

Но покрај кадровската понуда веќе видена е и предизборната реторика на партиите. Иако кампањата се уште не е почната сите нудат и ветуваат дека ќе направат се што е добро за граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ нуди намалување даноци, воведување рамни даноци, капитални инвестиции, СДСМ пак зголемување на плати и пензии, влез во Европската унија.

„Сметам дека и самите партии се свесни за одредена нивна баналност пред се поради тоа што мораат да направат програма, не толку пак дека мора да ја спроведат дури и ако дојдат на власт, особено кога сте во опозиција, многу е полесно да кокетирате со овие програми. Сметам дека јавноста е веќе заситена од овие програми, јас не верувам дека просечен македонски веќе и ги чита овие програми, а уште помалку и да верува во истите“, додаде Иво Ранѓеловиќ

Ранѓеловиќ укажува дека по изборите било кој и да дојде на власт, ќе мора да ги донесе уставните измени, бидејќи како што вели притисокот од меѓународната заедница ќе биде се поголем  и тоа ќе биде главен предуслов за формирање влада.