Административните службеници кои две години по ред ќе добијат оценка „1 – не задоволува“ ќе го загубат работното место. Ова е една од новините предвидени со измените на Законот за административни службеници, кои Собранието ги усвои по скратена постапка.
Со законските измени се воведува јасна правна последица за службениците кои континуирано добиваат најниска оценка во текот на две последователни години. Престанокот на работниот однос ќе настапува по сила на закон.
Целта на новото решение е да се зајакне одговорноста во администрацијата и да се обезбеди поефикасно работење на институциите.
Измените предвидуваат и укинување на можноста за унапредување без објавување интерен оглас, со што треба да се обезбедат еднакви можности за сите административни службеници и доследна примена на мерит-системот.
Од опозициската СДСМ не ги поддржаа законските измени. Од партијата предупредија дека одредбите за оценување, преместување и дисциплинска одговорност можат да отворат простор за злоупотреби и политички притисоци врз вработените.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, оценија дека со измените се исправуваат недостатоци од претходниот период.
