Нови приведени за протестот за „Монструм“, сѐ уште ниту една постапка против полицајци

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Истрагите околу ескалирањето на протестот за случајот „Монструм“ се во тек, а се зголемува и бројот на приведени и на оние на кои им е изречена мерката притвор. Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, вели дека се работи на целосно расветлување на случајот и дека се разгледуваат видео-снимките од протестот, додавајќи дека ќе следат уште приведувања.

Еден од организаторите на протестот, Блерим Ахмеди, денеска беше на информативен разговор во полиција. Вели дека провокацијата почнала од страна на полицијата поради што ќе бараат одговорност од организациите за човекови права.

-Само информативен разговор околу тоа како течеше протестот, како ескалираше состојбата, правилата и препораките на СЗО. Значи сѐ беше во ред, беа запазени сите прописи. Потоа како се доближија луѓето со или без фантомки ние не преземаме одговорност. Всушност, ние ќе бараме одговорност и од организациите за човекови права, бидејќи провокацијата почна од полицијата-рече Ахмеди.

Досега се приведени 12 луѓе, а за петмина од нив Обвинителството побарало притвор. Иако на видео-снимките јасно се гледа дека полицајците фрлаа камења кон демонстрантите, засега не е покрената ниту една дисциплинска против нив. Од МВР велат дека сѐ уште се разгледува случајот, по што ќе утврдат дали припадниците на полицијата се однесувале непрофесионално при извршувањето на службената задача.

Инаку, ситуацијата на протестот кој беше организиран против пресудите за случајот „Монструм“ ескалираше откако полицискиот кордон не им дозволи на демонстрантите да поминат, кои пак, во знак на револт ги нападнаа полицајците со камења и метални шипки.