Во 9 часот утрово повторно по пат на е-маил пристигнаа нови заканувачки пораки за поставени експлознивни направи во училишта низ Македонија. За прв пат дојави пристигнаа во училишта во Тетово, Струга и Прилеп. По евакуацијата, екипи од МВР направија проверки и уште еднаш констатираа дека станува збор за лажни дојави.
Повеќе од два месеци ученици и родители во Македонија живеат во страв поради речиси секојдневните закани за бомби низ училишта, трговски центри и објекти на администрацијата. До денес за среќа сите биле лажни.
Министерството за внатрешни работи до денеска има поднесено две кривични пријави за „Тероризам“ за двајца малолетници кои биле мотивирани за да испратат и самите тие дојави за бомби, а главните виновници се уште не се откриени. Во потрагата веќе втора недела е вклучен и нашиот стратешки партнер НАТО.
