Новинар по грешка бил додаден во групен разговор во САД каде високи функционери зборувале за напади врз Јемен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новинар по грешка бил додаден во групен разговор на апликацијата Сигнал, каде што високи функционери на САД зборувале за план за напад на Јемен.

Новинарот Џефри Голдберг кој работи за магазинот „Атлантик“, објави дека бил ставен во група во која биле потпретседателот Џеј-Ди Венс, и министерот за одбрана Пит Хегсет. Притоа бил сведок на доверливи воени планови за напади врз хутските бунтовници.

Голдберг кажа дека веројатно случајно бил додаден во групниот разговор откако примил барање за поврзување од Мајк Волц, советник за националната безбедност на Белата куќа.

„Ако тие сакаа да изберат погрешен телефонски број, барем тоа не беше некој што ги поддржува Хутите, бидејќи тие споделуваа информации за кои верувам дека би можеле да ги загрозат животите на американските службеници кои беа вклучени во таа операција“, рече Голдберг.

Претседателот Доналд Трамп изјави дека не е запознаен со случајот.

„Нападите врз хутите беа крајно успешни и делотворни. Претседателот Трамп и натаму има целосна доверба во својот тим за национална безбедност“, изјави портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит.