реклама

Новинарството – неатрактивна професија за младите во Северна Македонија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

реклама

Новинарството, тоа е една нерегулирана професија во Северна Македонија кадешто новинар може да биде секој без разлика дали и каков факултет завршил, па дури и луѓе кои немаат високо образование. Истовремено, ниските плати и лошите услови за работа, брзиот развој на социјалните мрежи кои влијаат врз етаблирањето на традиционалните медиуми и нивното економско преживување, како и економската нерамноправност помеѓу новинарите се клучот на одговорот зошто новинарството е таму кадешто денес е, тврди професорката по новинарство, проф. д-р Јасна Бачовска-Недиќ.

Бројот на запишани студенти на насоката новинарство во академската 2015/16 година на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип и на Државниот тетовски универзитет (ДУТ), вкупно бил 59 студенти. Во академската 2021/22 година, тој е уште помал и е 36 студенти, што е пад од 23 студенти за 7 години. На УКИМ годинава се запишале 17 студенти, на УГД има запишано 4 студенти, на ДУТ новинарството го изучуваат само 3 студенти. На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, годинава има запишани 12 студенти, а минатата година на овој универзитет воопшто немало интерес за студирање новинарство.

реклама

Професорката на Правниот факултет при УКИМ, проф. д-р Јасна Бачовска-Недиќ, смета дека медиумите вработуваат новинари кои се „на иста политичка линија“ со нивната уредувачка политика и вели дека политички притисоци во нашите медиуми се толку силни што целосно можат да го уништат интегритетот на еден новинар и како новинар и како индивидуа.

„Младите новинари знаејќи го тоа не се ни обидуваат да најдат работа во такви медиуми и на крај решаваат или да најдат некоја друга работа или да се дошколуваат преку некои стипендиски форми во странство. Како што гледам овие состојби кај нас имаат длабок континуитет. Лично, не прогнозирам во блиска иднина поинаква политика, затоа што знаете тоа се сложени структурни проблеми, каде што навистина, треба револуционерна политичка волја за да се сменат, да немаме корупција, да немаме непотизам, ирационална политизација, партизираност“, вели професорката Бачовска.

реклама

Тамара Марковска, студентка во трета година на УКИМ вели дека во медиумите голем број од новинарите кои работат го немаат потребното образование и се со средно образование или поминале краток курс од неколку месеци. Според неа, тоа не им ја дава основата да бидат новинари и смета дека со појавата на онлајн медиумите и веб-порталите, речиси секој станува новинар. Тоа доведува до губење на основната функција и значењето на поимот новинар.

Нејзиниот колега, Даниел Шикоски, по завршувањето на додипломски студии на два други факултети, решил да се запише на новинарство бидејќи според него не секој може да биде новинар, а оваа професија во Македонија е сведена на хоби каде што секој може да отвори свој портал и да биде новинар.

реклама

„При изработка на сторија во мојот роден град Струга, се соочив со тежок проблем бидејќи ми беше потребна изјава од новинар за сторијата која ја работев. Ги исконтактирав најголем дел од луѓето во Струга кои знам дека работат како новинари, но нивниот одговор беше „дека тие би ми дале изјава, но проблемот е што тие не се професионални новинари, туку едноставно сакале да пишуваат вести и за таа цел отвориле свој портал.“ Оваа наша држава Македонија мора да изнајде начин да воспостави своевидни “бариери“ за влез на нови медиуми и новинари во областа. Сметам дека доста е веќе криење на веб-порталите позади слободата на изразување бидејќи постојат законски можности со кои може сето ова да се регулира без да се задре во слободата на изразување“, изјави Шикоски.

Слични ставови имаат и нивните колеги Јована Трајковска и Иван Стојановски кои се бруцоши во прва година на УКИМ во Скопје.

„Потребна е соодветна медиумска писменост, обука и стручно образование за новинарот да биде комплетен, покрај надворешниот изглед и карактеристики“, рече Трајковска.

Стојановски смета дека на Македонија и се потребни големи, вистински и навремени чекори за да имаме вистински медиуми и вистински новинари.

„Со текот на времето, мултимедијалните медиуми на Интернет ќе ни станат секојдневие. Но за тоа да се случи, мора да имаме и закон со кој ќе се регулираат тие медиуми. Штетите предизвикани од нерегуларните медиуми на интернет ќе имаат големи последици по вистинските медиуми и довербата во нив, која и веќе е речиси изгубена“, вели Стојановски.

62 проценти од младите новинари имаат плата под просечната

Просечната месечна исплатена нето-плата на државно ниво, според податоците на Државниот завод за статистика, во септември 2021 година, изнесувала 28.869 денари. Но, платата на најголем дел од младите новинари, според анкетата на ССНМ, не ја достигнува оваа цифра. Шест отсто од анкетираните млади новинари одговориле дека земаат помалку од 25.000 денари, а дури 27 отсто од нив се платени помеѓу 15.000 и 20.000 денари. Останатите 12,9 отсто одговориле дека нивната плата е од 25.000 до 30.000 денари, односно 24,6 отсто дека имаат плата повисока од 30.000 денари.

„Фактите се следни: Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници  – ССНМ преку истражување и репрезентативен примерок и оваа година дојде до загрижувачки факти. 2/3 од вработените во медиумите имаат потпросечна плата. Со оглед дека медиумите се пазарно ориентирани и претставуваат независни правни субјекти, условите се определуваат пазарно, но сепак постои и законски минимум и можност за унапредување на минимумот преку колективни договори. Од друга страна, колективните договори како подзаконски правен акт овозможуваат да се пропишат висина на платите, условите за секое работно место, начинот на напредување, но и прописи за обврските за обуки и надградување на вработените. Оваа пракса е единствениот пристап кој веќе до совршенство функционира во скандинавските земји како препознатливи по синдикланото здружување. Пракса која потешко се пробива во Македонија, со оглед дека ССНМ бележи и состојба на забрана на синдикално здружување на ова уставно и законски гарантирано право“, изјави Павле Беловски, претседател на ССНМ.

Причината зошто младите не сакаат да студираат новинарство, според младата новинарка Теодора Новеска од националното радио Канал 77, се токму ниските плати.

„Најголем дел од младите новинари кои сега се вработуваат почнуваат со минимална плата или блиска до неа, а работат и викенди и празници и прекувремено бидејќи нели „новинарството нема работно време“. Дополнително стресот кој го носи самата професија, изложеноста на различни напади и притисоци, цензурата и самоцензурата се клучен фактор“, смета новинарката Новеска.

Северна Македонија на 57. место според рангот на „Репортери без граници“

Северна Македонија има скок од 33 места во споредба со лани на глобалниот индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“. Земјата во 2022 година е рангирана на 57. место од вкупно 180 земји, додека во 2021 година беше 90-та на листата.

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади“, се наведува во извештајот. Во него се додава дека иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. „Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат професионални новинари и објавуваат оригинална содржина и поединечни портали кои вршат плагијат и препишуваат таква содржина”, посочуваат од „Репортери без граници“.

За политичкиот контекст, се укажува дека транспарентноста на институциите е слаба и дека поради силната политичка поларизација врз медиумите има притисок од властите, политичарите и бизнисмените, а најголемите политички партии креирале паралелни медиумски системи со кои го вршат своето политичко и економско влијание. Сето ова директно влијае врз нивото на информираност на населението, го определува и нивото на медиумска писменост и сеопфатно влијае на општествени и политички случувања во македонското општество.

Мартин НИКОЛОВСКИ

Текстот е создаден како дел од менторството за млади новинари „Решенија и иновации во медиумите“, кое го спроведуваат Mediacenter Sarajevo и Здружението Zašto ne со поддршка на амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан.

реклама
реклама
реклама
реклама
реклама
реклама