Новиот договор неприфатлив за Мицкоски, Камбовски: Наша одлука е дали ќе го менуваме Уставот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека за него е неприфатлив предложениот сеопфатен договор кој треба да го потпишат Скопје и Софија и кој се очекува да стане дел од преговарачката рамка. Гаранциите кои што ги бара Бугарија во процесот треба реципрочно да се постават и од наша страна, додава Мицкоски кој се сомнева дека зад ова стојат многу поголеми барања од само вметнувањето на бугарското малцинство во Уставот. Тој ја повика македонската јавност на будност и поддршка.


„Ако го потпише и ако го прифати и стане дел од преговарачкиот процес, назад нема. Тогаш или ќе се бугаризираме и ќе бидеме дел од Европската унија или ќе преговараме до бесконечност. Затоа е многу важно ВМРО-ДПМНЕ денеска да обезбеди општествена поддршка од македонскиот народ и од граѓаните во Македонија заедно да излеземе со се што е потребно да го спречиме заевизмот преку Ковачевски да го прифати ова решение и ова да влезе во преговарачката рамка“, рече Мицкоски.


Прашањето на вметнување на бугарското малцинство во Уставот според академик Владо Камбовски не е спорно и тоа, како што истакнува, зависи од самите нас дали ќе го направиме.


„Сите овие прашања околу положбата на етнички заедници, групи и слично се прашања на секоја одделна држава. Некоја држава може да сугерира било што, но прашањето зависи од нас самите, од наша одлука значи, ние имаме механизми за тоа како се поведува иницијатива за промени на Уставот, тоа треба наша одлука да биде. Не го оценувам како мешање, бидејќи тука никој не може да ви се меша во тоа и да ви диктира што ќе направите, тоа самите го правите или не го правите“, рече Камбовски.


Деновиве министерот за надворешни работи Бујар Османи информираше дека предложено е да има нов документ во вид на сеопфатен договор меѓу Бугарија и Македонија кој треба да стане дел од преговарачката рамка, но не сакаше да открие детали од тој договор. Премиерот Димитар Ковачевски пак во изминатиот период повторува дека за македонскиот идентитет не се преговара.