Со стапување во сила измените на Законот за безбедност во сообраќајот, ицата кои поседуваат возачка дозвола со „Б“ категорија, од денеска може да управуваат мотоцикли со автоматски менувач со зафатнина на моторот од 125 кубици, и чија сила на моторот не е поголема од 11 KW.
Движењето ЗНАМ ги поднесе новите законски измени, и беа изгласани на 8 април годинава од мнозинство во Собранието.
Со тоа во Македонија возач кој поседува возачка дозвола од Б категорија да има право да управува мотоцикли со автоматски менувач од категоријата „А1“ откако ќе наполни 23 години и поседува минимум 5 години важечка возачка дозвола од категорија „Б“ и поседува потврда за посета на 4 часовна теоретска обука.
– Како законодавци имавме предвид дека ваквите решенија ќе го поттикнат користењето на помали и поекономични моторни возила, ќе го намалат сообраќајниот метеж во урбаните средини и во голема мера ќе ја подобрат мобилноста на граѓаните. Всушност, користењето на мотоцикли во сообраќајот, освен тоа што во голема мера ќе го олеснат протокот во сообраќајот, претставуваат една од поевтините варијанти за алтернативен градски превоз. Тоа значи дека овозможуваат поголема флексибилност и практичност, особено во урбаните средини каде што сообраќајниот метеж е изразен. Мотоциклите од категоријата „А1“ се практично и економично превозно средство кое зафаќа помал простор и на патиштата и при паркирање – рече Павле Арсовски од ЗНАМ.
