Засилена контрола и строги правила за казината предвидува новиот закон за игрите на среќа кој со 59 гласа за и 9 против, вчера доцна попладнето беше изгласан на собраниската седница во прво читање. Во иднина казината нема да смеат да бидат лоцирани во близина од најмалку 500 метри до училиштата, што треба да придонесе во заштитата на младите од влијанието на коцкањето. Во овој контекст се забранува учество на лица под 18 години, за што ќе мора да има јасно предупредување дека е забрането учество во игрите на среќа на малолетници.
„Лица помлади од 18 години не можат да учествуваат во игрите на среќа. Приредувачот на игри на среќа во казина, во простории каде што се приредува томбола од затворен тип, во обложувалници и во автомат клубови е должен на влезната врата во деловната просторија во која се приредуваат игри на среќа, да истакне натпис со содржина: „Се забранува влез на лица со возраст под 18 години“, стои во Законот.
Новина е и обврската сите автомати и електронски терминали да бидат поврзани со ГПС систем кој ќе и овозможи на Управата за јавни приходи следење на нивната локација и спречување на нивно нелегално поставување. Значително се заострува и начинот на нивно рекламирање. Се забранува реклама на излозите на коцкарниците како и нивно претставување за брзо богатење.
„Се забранува рекламирање или учество во рекламирање на кој било начин:
Со кое интернет игрите на среќа се промовираат како начин за социјално прифаќање, за постигнување на личен или финансиски успех или пак за решавање на какви било економски, социјални или лични проблеми;
Со кое се упатуваат препораки од познати личности кои сугерираат дека интернет игри на среќа дале придонес за нивниот успех;
Кое е посебно насочено кон поттикнување на малолетни лица да се вклучат во интернет игри на среќа“, се вели во Законот.
Построгите мерки предвидени во законот наидоа на реакции од Асоцијацијата на спортските обложувалници во Македонија и Асоцијацијата на приредувачите на игри на среќа кое бараа пратениците да го отфрлат ова законско решение бидејќи, како што рекоа тоа ја отвора вратата на сивата економија, а ќе остави без работа над 10 илјади лица кои се вработени во легални објекти.
