Новиот закон за пушење пред Влада – терасите да имаат две отворени страни, кафулињата со посебен влез за непушачи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По состаноците и консултациите со засегнатите страни од Предлог-законот за заштита од пушење, како и анализата на забелешките од научен, економски, инфраструктурен, социјален и здравствен аспект, министерот за здравство соопшти дека дошле до заклучок дека просториите со две отворени страни, односно терасите, може да бидат места каде што ќе биде дозволено пушење.

-Знаете дека само во Скопје имаме над 7.000 угостителски објекти што имаат тераси, според инфраструктурата на градот и во другите градови, но уште еднаш, дозволете ми да нагласам дека особено во Скопје, поголемиот дел од тие ресторани имаат таква инфраструктура што е невозможно да имаат три отворени страни, на пример аголни објекти и слично, кои имаат згради од едната и од другата страна, кои не може да се рушат за да се обезбедат три отворени страни, вели министер за здравство, Азир Алиу.

Со новите законски измени, угостителските објекти ќе треба да обезбедат посебен влез за непушачите.

Една од најголемите инфраструктурни интервенции што ќе треба да ја направат сите угостители според законот е да обезбедат влез во самиот угостителски објект кој е одвоен од просторот каде што се пуши. Идејата е да се заштитат граѓаните кои не пушат, а да се дефинира место каде што може да се пуши, вели министер за здравство, Азир Алиу.

Алиу изјави дека по консултациите, сите отворени прашања се затворени. Предлог-законот ќе се разгледува во вторник на владина седница, а потоа постапката ќе продолжи во Собранието. Министерот очекува законскиот акт да биде процесиран до крајот на април. Со овие законски измени, тој се надева дека за две до три години бројот на пушачи ќе се намали од над 45 проценти на под 20 проценти.