На Европскиот Совет во Брисел стануваат познати челниците на органите на Европската Унија. Откако беа одржани европските избори, старо-новата коалиција предводена од Европската народна партија, одново ја кандидира Урсула Фон дер Лејен за претседателка на Европската Комисија. Таа на позицијата ќе остане и наредните пет години, а судејќи по нејзините последни изјави, меѓу главните приоритети ќе биде и проширување на Европската Унија. На местото на високиот претставник на ЕУ за надворешни односи и безбедносна политика, Жозеп Борел застанува естонската премиерка Каја Калас. Таа претходно на средба со екс-премиерот Димитар Ковачевски, истакна дека силен поддржувач на Македонија и се надева дека ќе биде направен последниот чекор кој е потребен кон зачленувањето во Европската Унија. Пред почетокот на Советот, Калас во Брисел оствари средба и со генералнот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг и порача дека е неопходна помошта кон Украина.
„Цената што ја плаќаме за поддршка на Украина, во нејзините напори да го победи рускиот империјализам, е мала во споредба со тоа што би следувало ако Русија наплати. Мораме да ја поставиме победата како цел“, изјави Каја Калас, премиер на Естонија.
Шарл Мишел, како прв човек на Европскиот Совет ќе биде наследен од поранешниот португалски премиер Антонио Коста. Тој ја посети Македонија изминатиов декември, кога истакна дека Македонија има поддршка на евроинтегративниот пат во овој, како што додаде, предизвикувачки геополитички контекст. Инаку покрај промените во Европската Унија, претходно и НАТО го замени генералниот секретар. Досега функцијата ја извршуваше Јенс Столтенберг, кому мандатот неколку пати му беше продолжуван заради војната во Украина, а на оваа позиција од први октомври застанува холандскиот премиер Марк Руте.
