Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Владата ги испратила во Брисел предлог-измените на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка, нагласувајќи дека тие ќе се применуваат само за идните случаи, а не ретроактивно.
Тој ги обвини СДСМ и ДУИ дека со законските измени кога тие беа на власт, усвоени по скратена постапка и со европско знаменце, имале цел да се заштитат од одговорност за кривични дела и да обезбедат политичка амнестија за поранешни структури на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тогаш тие, злоупотребувајќи го европското знаменце, по скратена постапка во Парламентот ги изгласаа овие закони. Имаа двојна цел. Првично да се себеамнестираат од сторените криминали, за кои постојат основани сомненија додека тие беа Влада, и второ, мислеа дека на тој начин на некои поранешни структури од ВМРО-ДПМНЕ ќе им овозможат политичка амнестија, за потоа тие да им помогнат во намерата да се случат уставните измени како резултат на Францускиот предлог“, изјави Мицкоски.
Мицкоски појасни дека новите законски измени не значат кривично гонење за наводните кривични дела на претходната влада, бидејќи поранешните функционери можат да се повикаат на законот што е поповолен за нив. Според него, претходните измени на Кривичниот законик му нанеле фатален удар на владеењето на правото и на борбата против криминалот и корупцијата.
„Со ова што ние го правиме, тоа не значи дека оние основани сомненија што постојат за сторен криминал од претходната Влада ќе бидат гонети. Бидејќи тие секогаш имаат можност да се повикаат на, за нив, поповолното право, во случајот е оној закон што си го скроија за да се амнестираат“, рече премиерот.
Мицкоски истакна дека двата закона испратени во Брисел ќе се применуваат за актуелната, а не за претходната влада. Тој информираше дека Владата го очекува мислењето од Брисел, по што ќе започне внатрешна дебата.
