Новите прогнози на ММФ најавуваат тешка иднина за светската економија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новите прогнози на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) укажуваат на тешка иднина за светската економија, обележана со слаб раст, ескалација на трговските тензии и висока задолженост, изјави директорката на ММФ Кристалина Георгиева.

– Не сум премногу песимист, бидејќи ако го погледнеме трендот на светската економија, точно е дека може да биде подобро, но и многу полошо – рече Георгиева.

Сè поизразениот протекционизам и зголемените трговски ограничувања и штетат на глобалната економија, го ограничуваат трговскиот раст и ја кочат и онака ослабената светска економија, рече Георгиева, која овој месец го започна својот втор петгодишен мандат на чело на ММФ.

Меѓу ретките добри вести таа ги издвои ублажувањето на инфлацијата и враќањето на стабилните цени, заедно со уредното подобрување на состојбата на пазарот на труд во САД и Европа.

САД не се во рецесија, иако каматните стапки во последните три циклуси предизвикаа значително слабеење на економската активност, а стапката на невработеност се очекува да остане релативно ниска, рече таа.