Ново невреме доаѓа во Шпанија, евакуирани илјадници луѓе

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Властите во југозападна Шпанија ги затворија училиштата и евакуираа илјадници луѓе поради дополнителните обилни дождови што ја зафатија Шпанија. Утринава шпанската метеоролошка агенција Аемет објави портокалово предупредување за поголем дел од југозападниот дел на земјата, пишува Euronews .

Сето ова се случува само две недели по катастрофалните поплави во кои загинаа 220 луѓе. Владата на Андалузија евакуираше три илјади луѓе кои живеат во близина на реката Гвадалхорсе во провинцијата Малага.

Бурата „Дана“ се очекува да го погоди регионот оваа недела.

Аемет прогласи црвено ниво за провинцијата Валенсија. Предупредувања се издадени и за Каталонија, Балеарските Острови и одредени делови на Андалузија.

Општина Чива, која настрада во последните поплави, ја откажа наставата и спортските активности и ги повика граѓаните да бидат внимателни.

Иако не се очекуваат страшни сцени од пред две недели, Аемет предупредува дека новото невреме ќе направи дополнителна штета во областите кои се веќе опустошени.

 – Новите дождови ќе ја влошат состојбата со калта во погодените градови и дополнително ќе ја оптоварат канализацијата – соопшти владата во Валенсија.

За разлика од пред две недели, шпанските власти сега брзо реагираа на новите временски предупредувања. Премиерот на Валенсија, Карлос Мазон, наиде на тешки критики за време на неодамнешните поплави, бидејќи неговата влада не реагираше навреме.