Ново прекројување на границите?! – Европската унија не ја коментира „новата карта“ на Балканот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Неофицијален дипломатски документ укажува на промена на границите на Балканот. Предвидува обединување на Косово и Албанија, обединување на поголем дел на Република Српска со Србија, а потоа се укажува на решавање на националното хрватско прашање, и тоа на два начина, со обединување на кантоните, главно хрватски, во Босна и Херцеговина со Хрватска или давајќи му на хрватскиот дел од земјата посебен статус според моделот на Јужен Тирол. За Босанците се предвидува држава која функционира независно и за која тие треба да имаат целосна одговорност. На референдум тие можат да изберат иднина во ЕУ или Турција.

Се претендира дека овој нон-пејпер, словенечкиот премиер, Јанез Јанша им го испратил на неколку функционери од институциите на ЕУ. На 1 јули Словенија го добива претседателството со Советот на ЕУ. Од Европската комисија, портпаролот Петер Стано за ТВ21 рече дека никогаш не коментираат објавени документи во медиумите ниту пак е на него да се произнесе за нон-пејперот.

„Комисијата не добила ништо и нема сознанија за содржината на таков документ. Прашањата во врска со тоа треба да се упатат до испраќачот (словенечкиот премиер) или претпоставениот примач (претседателот на Европскиот совет)“, истакна Петер Стано.

Од кабинетот на словенечкиот премиер Јанез Јанша, за ТВ21 рекоа дека не го сфаќаат сериозно порталот кој го објавил документот.

„Канцеларијата на премиерот на Република Словенија не го сфаќа сериозно порталот Нецензурирано кој го објави таканаречениот нон-пејпер за Западен Балкан, туку како портал на афери, така што ние не го коментираме објавувањето на таканаречениот нон-пејпер“, велат од Владата на Словенија.

Не коментираат ниту од Кабинетот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Ви благодарам за вашата порака, за жал, во оваа фаза немаме никаков коментар во врска со ова“, посочи Симос Пиперидис.

Министерот за надворешни работи на земјава, Бујар Османи, за ТВ21 рече дека Северна Македонија силно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и на Република Косово.

„Во овој правец оценуваме дека единствено и трајно решение за границите на Западен Балкан е токму нивната релативизација преку интеграција н а регионот во ЕУ“, вели Бујар Османи.

Антонио Милошовски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потсети дека земјава е членка на НАТО, затоа смета дека Алијансата е гаранција за безбедноста на границите на секоја земја членка.

„Другите земји членки, како што се Словенија, Хрватска, Бугарија, Грција, Албанија, САД, очекуваме да го поддржат ова и ориентацијата на земјава за членство во ЕУ. Ние бараме од Владата поактивно да лобира за време на словенечкото претседателство да се добие заслужениот датум за почеток на преговорите“, порача Антонио Милошоски.

Од Американскиот Стејт департмент за Гласот на Америка рекоа дека САД ја поддржуваат целовитоста на Босна и Херцеговина, чие почитување е одредено со договорот на Дајтон во 1995, со кој се стави крај на војната во таа земја. Од друга страна, германскиот министер за Европа, Михаел Рот, промената на границите ја нарече опасен пат.

„Земјите на Западен Балкан имаат иднина само како мултиетнички и мултирелигиозни општества. Регионалното помирување и соработка се клучот на мирот, демократијата и просперитетот. Исцртувањето на границите е опасен пат“, вели Михаел Рот.

Документот предизвика реакција на функционери на ЕУ во Босна и Херцеговина. Преку заедничка декларација, делегацијата на ЕУ, шефовите на Мисијата на ЕУ и командантот на ЕУФОР,ја отфрлија идејата за промена на границите на оваа држава.

Словенечката екс пратеничката на Европскиот парламент, Тања Фајон, упати апел до премиерот Јанша и Министерството за надворешни работи да се произнесат во однос на позицијата на Словенија кон земјите од регионот.