Оливер Спасовски утринава ја испратил својата оставка на потпретседателката функција во СДСМ. Со тоа тој го реализираше она што пред неколку дена во Клик плус на ТВ21 го најави дека не се гледа во новиот тим на претседателот на партијата Димитар Ковачевски.
„Утрово ја испратив мојата оставка на функцијата потпретседател на СДСМ која ќе се разгледува на вечерашната седницата на Централниот одбор на партијата, на која што секако и јас ќе присуствувам. Сметам дека новиот претседател на СДСМ треба да си избере нов тим. Јас 28 години сум се вложил во партијата, а тоа дали и натаму ќе останам министер за внатрешни работи ќе се знае после први јануари“, истакна Оливер Спасовски.
Она што се очекува на седницата на Централниот одбор е новиот претседател на партијата Ковачевски да биде потврден како иден мандатар за состав на новиот владин кабинет. Ова го очекува и претседателот на државата Стево Пендаровски за да му го додели мандатот. Истовремено ќе се избираат и новите потпретседатели, генерален секретар и оние кои ќе бидат дел од новиот Извршен одбор на СДСМ. Неофицијално од четворицата потпретседатели останува само Фатмир Битиќи. По денешната оставка на Спасовски од потпретседателската позиција заминува и Мила Царовска и Венко Филипче, а воедно и двајцата најавија дека нема да бидат во новиот владин кабинет.
„Предлогот за ново раководство ќе се најде пред членовите на Централниот одбор и во овој момент е неблагодарно да лицитираме со конкретни имиња пред членовите на Централниот одбор да ја донесат конечната одлука за избор на новото раководство. Покрај точката за избор на новото раководство на дневен ред е и овластувањето од страна на Централниот одбор до претседателот на партијата Димитар Ковачевски за мандатар за состав на новата Влада“, посочи Стефан Васев.
Засега неофицијално се тврди дека во партијата на високи функции се враќаат Игор Ивановски Шема поранешен пратеник и Андреј Петров екс градоначалник на Карпош и двајцата од времето кога партијата беше под водство на Црвенковски.
Извори од партијата велат дека е можно како потпретседатели да бидат именувани битолската пратеничка Бисера Костадиновска Стојчевска, градоначалникот на Валандово Перо Костадиновски, како и претходниот градоначалник на Карпош Стефан Богоев.
Се поизвесно е дека заменик претседателка ќе биде Сања Лукаревска, а генерален секретар на партијата ќе биде именуван Миле Зечевиќ кој исто така беше дел од раководството на партијата во времето на Црвенковски.
