Ново разидување кај владините коалиционери? Нема место за Албанската академија во стратегијата на Мицкоски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Можно ли е повторно разијдување на владините коалиционери откако вчера премиерот Мицкоски на свеченото обраќање по повод денот на македонската револуционерна борба во повикот за обединување за исполнување на стратегијата за развој на државата ја вклучи и Македонската академија на науките и уметностите, но јасно посочи дека нема место за етнички академии, алудирајќи на албанската академија.

„Македонската академија на науките и уметностите и научните умови беа маргинализирани и насочени само кон своите проекти и научни цели, но овој пат мора да се вклучат и да помогнат во развојот и во поставување на целите и приоритети. И сега знам дека во јавноста ќе почне да зборува за ваква или таква академија, па заради тоа го кажувам сето ова. Науката, целите и стратегијата не треба да се етнизираат.“, изјави Мицкоски.


Претседателот на Движењето Беса Биљал Касами, но и министерот за здравство Арбен Таравари кои се дел од владиниот коалиционер ВРЕДИ се внимателни во изјавите. Таравари вели дека е потребна таква стратегија во која, како што истакна треба да се вклучат академиите вклучувајќи ја и албанската академија.

„Премиерот Мицкоски подготвува Стратегија на државата за 2050 година, ако не грешам… за жал нешто што сите не загрижува е иселувањето на луѓето. Прогнозата е до 2050 год. во Македонија да останат околу милион луѓе за жал, се надевам да сме грешка со овие прогнози. Ни требаат стратегии, се подразбира со универзитетите што ги имаме, со академиите што ги имаме, така што верувам да се прави еден документ што ќе беше за доброто на сите нас“, рече Таравари.

„Ние сме кажале дека Албанците се во таа фаза на нивниот развој, сега веќе со три универзитети на албански јазик, треба да бидат застапени во академско ниво. Секако дека сите опции на формалното решение се на маса. Ние сме го почнале проектот за Албанска академија и ќе продолжиме да го подржиме и како Општина Тетово и како коалиција ВРЕДИ, но ние сме отворени за сите начини за решавање на оваа прашање“, изјави Касами.


Мицкоски упати повик и до опозицијата за обединување и како што рече заеднички да ги носат одлуките за иднината. Од СДСМ не ја отфрлија анблок понудата упатена од премиерот, но велат дека на партиско ниво ќе биде разгледан предлогот.

„На овој повик на премиерот Христијан Мицкоски кој што го кажа вчера, јас би можела да истакнам и тоа е со аргументи и со факти докажано дека СДСМ никогаш не била кочничар на развојот на државата на секое ниво, во секој сектор што значи подобар живот и за целата држава подобар живот за граѓаните. Така што, да го разгледаме предлогот кој што го нуди Мицкоски тогаш и би се произнеле околу неговиот последен повик“, вели Богданка Кузеска.

Во повикот за исполнување на стратегијата Мицкоски наведе дека државата се соочува со се поголемиот проблем на иселувањето на младите за кое рече дека за неколку децении Македонија ќе стане зомби држава, без население. Со оваа програма би се дефинирале приоритетите на развојот на државата, демографските предизвици, економските цели и другите сегменти од општеството.