Ново Скопје 2024, бетонски „чудовишта“ среде Скопје? Општина Центар не може да ги спречи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

На овој простор околу Вардар, голем колку 10 фудбалски терени, наскоро може да „никнат“ високи бетонски чудовишта. Сѐ уште не се знае колку ќе бидат на број, но и покрај бројните реакции од страна на граѓаните и експертите за „убивање“ на јавниот простор, сепак ќе се градат.

Детали за градбата не открива ниту првиот човек на општина Центар, Саша Богдановиќ. Знае само дека во првиот дел е предвидено да бидат изградени 3 згради, но за втората и третата фаза вели дека не е запознаен – што планираат инвеститорите „МГ Фешн“ и Македонската православна црква преку компанијата „Обновители“. Општина Центар го раскинала договорот со планерската куќа „Билд Урбан“поради несогласувања околу градењето покрај Вардар. Обидите на општината да интервенира во планирањето, како што вели Богдановиќ, се потврдуваат со одлуките за неспроведување на урбанистичкиот план усвоен пред неколку години. Успех забележале во 8 планови, но за жал, како што вели, Уставниот суд ги поништи општинските одлуки.

Во овој случај, единствените чекори кои може да го преземе општината се – ограничувања кои се издаваат за градење, условувања за прашања предвидени со закон, и што поскоро да се донесат новите урбанистички планови кои се во завршна фаза.

На почеток кружеа информации дека ќе се градат три 60-катници, но потоа се зборуваше дека всушност ќе бидат 6 згради со од 25 до 30 ката. Капацитетот на луѓето кои би можеле да живеат таму е од 5 до 11 илјади, што значи дека во Скопје би се оформил еден „мини град“.  Останува да видиме што ќе се случи – дали властите ќе дозволат да бидат кренати градби на сред главниот град или пак ќе изнајдат начин да го спречат тоа.