Новогодишната потрошувачка кошничка која почна да важи од вчера за власта е историски чин бидејќи доаѓа по предлог на бизнис заедницата. Во Министерството за економија и труд, задоволни што 1.036 производи треба да се 10 отсто поевтини до 15 јануари и од тоа што во акцијата се приклучиле над 90 компании.
Сепак, од Државниот пазарен инспекторат велат дека во моментов не проверуваат дали цените на овие производи биле напумпани пред 15 ноември, па сега продавачите акциски ги намалуваат, што за граѓаните не значи реално поевтинување. Овој сомнеж во јавноста, за ваква ценовна игра доаѓа по податокот дека инфлацијата во ноември е за 4,3 насто повисока во споредба со истиот месец лани, а најголем скок на цените има токму кај храната и пијалаците и тоа за 5,7%. 10 те отсто попуст треба да се направи врз цените кои биле во период еден месец пред почетокот на мерката.
„Од 15 ноември до 15 декември. Врз таа цена, во тој период најниската цена ја имаме како во суштина сега како висока цена која треба да биде јасно пречкртана и да имаме минимум 10 проценти намалување“, изјави директорот на државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски.
Но, ако цените народски кажано се напумпани пред 15 ноември, Инспекторатот кој постапува по Закон за заштита на потрошувачите, не проверува, со што нема да се знае дали намалувањето е реално или е изиграна акцијата.
Од Економија се заканија дека мерката мора да се почитува, оти после опомени, доаѓаат казни.
„Тогаш има и казнени одредби. Тогаш во Законот за заштита на потрошувачи, поради измама на потрошувачите со цени има и казнени одредби. Затоа јас мислам нема да се доведеме до една ваква ситуација“, изјави заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Министерот Дурмиши вели дека попустите мора да бидат транспарентно објавени.
„На рафтовите треба да биде истакната новата намалена цена и старата цена. На веб страната „мојакошница“ транспарентно се објавени сите производи кои токму компаниите, дистрибутерите и трговците ги понудиле за граѓаните“, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Од Министерството за економија и труд веруваат дека оваа мерка ќе помогне на семејните буџети во овој празничен период.
