НУК: Владата извиси повеќе од 4.000 угостителски објекти со над 10.000 вработени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од Независната угостителска комора (НУК) со реакција по повод вчерашната одлука на Владата за финансиска поддршка.

„Со вчерашната одлука од 77-ма седница, Владата дефинитивно извиси повеќе од 4.000 угостителски објекти со над 10.000 вработени на кои им вети финансиска поддршка за периодот во кој им беше забрането да работат.

И покрај бомбастичните најави и ветувања за 6-тиот сет мерки од одредени претставници на Владата скроен за 6.000 објекти со над 17 илјади вработени дека ќе им исплати вкупно 9,9 милиони евра надомест на штетите и загубите, Владата одлучи да исплати само нешто повеќе од половина од ветената неповратна помош во висина од 5,77 милиони евра.

И покрај укажувањата од страна на НУК за неправилноста и нелогичноста на јавниот повик за ветена и најавена финансиска помош со 6-ти сет мерки, со вчерашната одлука на Влада, две третини од угостителските објекти добија дефинитивно ладен туш и останаа со празни сметки од очекуваната неповратна финансиска помоши и поддршка за надомест на штетите и загубите кои ги имаа поради забраната да работат со гости од 6ти до 27ми април 2021 год. 

Владата не успеа да ги оддржи ветувањата и најавите и вчера на 77-мата седница си донесе одлука со која само на 2.204 од скоро 6.500 компании од угостителската дејност, коишто со одлука беа затворени во периодот од 6-ти до 27-ми април ќе им исплати износ од 354.656.831 денари или 5,77 милиони евра.

Зошто Владата најави и вети 9.9 милиони евра за 6000 угостители и 17.000 вработени, а создаде услови и критериуми од кои ќе исплати на една третина нешто повеќе од половина од ветената помош. Која е целта на Владата да се попишмани за најавите и ветувањата и со ваква одлука да им одземе повеќе од 4 милиони евра ветена помош на угостителите? Во чии џебови и сметки сега таа помош ќе биде пренасочена?

Веќе со право се сомневаме во искреноста и вистината на зборовите во најавите и изјавите на некои претставници на Владата кои со нивните изјави самите се демантираат кога едно најавуваат и ветуваат, а сосема друго реализираат и исполнуваат. 

Доказ за тоа е и последната одлука на Владата за исплата на вкупна финансиска поддршка од 6-тиот сет мерки во износ од 354.656.831 денари или 5,77 милиони евра на само 2.204 од повеќе од 6.000 компании кои ги исполниле т.н. поставени услови на јавен повик за финансиска поддршка и помош од 6-ти сет мерки“, се вели во соопштението од НУК.