Во Гостивар започна хиперхлорирање на водата и испирање на водоводната мрежа како дел од мерките за справување со загадувањето на водоснабдителниот систем, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по седницата на Централниот кризен штаб.
Тој информираше дека последните анализи повторно потврдиле загадување на водата, поради што се спроведуваат засилени активности за чистење на каптажата, испирање на примарната мрежа и дополнително хлорирање на водата, во рамките на дозволените законски вредности.
Во меѓувреме, за граѓаните се обезбедени пунктови со техничка вода на 11 локации, а до крајот на денот нивниот број ќе се зголеми на 13. Дистрибуирани се и повеќе од 100.000 литри пакувана вода за пиење.
Според Тошковски, доколку анализите покажат континуирано добри резултати, техничка вода од чешмите се очекува да има до крајот на неделата или почетокот на следната, додека целосно нормализирање на водоснабдувањето со безбедна вода за пиење се очекува до крајот на следната недела.
