Не постои универзален начин да се спречи деменција.
И покрај ова, голем број студии идентификуваа одредени хранливи материи кои можат да помогнат да се спречи губењето на когнитивните функции поврзани со возраста, како што се перцепцијата, вниманието и донесувањето одлуки.
Најголем интерес на експертите предизвикаа три вида невропротективни хранливи материи: антиоксиданти, витамини од групата Б и полинезаситени масни киселини.
Антиоксидантите се борат против слободните радикали кои можат да ги оштетат мозочните клетки, витамините Б играат важна улога во функцијата на мозочните клетки, а полинезаситените масни киселини помагаат да се промовира растот на нови мозочни клетки, пренесува Index.hr.
Иако суплементите можат да помогнат во обезбедувањето на овие хранливи материи, секогаш е подобро да се обидете да ги внесете преку храната, особено кога станува збор за масните киселини, како што е омега-3.
„Кога јадете целосна храна, добивате дополнителни витамини, минерали, здрави масти и протеини. Ова е добра основа за градење на план за здрава исхрана“, објасни Ума Наидо, нутриционист од Харвард.
Омега-3 масните киселини се хранлива материја број еден за здрав мозок, кои се наоѓаат во диви фатени масни риби како што се сарделата, сардината и лососот.
„Дивиот лосос содржи нивоа на EPA и DHA кои се корисни за здравјето на нашиот мозок. Рибите, богати со омега-3 масни киселини, треба да бидат на чинија најмалку два пати неделно“, додаде Наидо.
Омега-3 масните киселини може да се најдат и во храната од растително потекло, како што се семките од чија, сусамот, оревите и семето од лен.
„Важно е да се нагласи дека проблемот со лошата исхрана не можеме да го решиме со суплементи или вежбање. Здравиот начин на живот е поврзан со добра исхрана, редовно вежбање, правилен сон, социјални врски, управување со стресот и намалување на анксиозноста. Сите овие се клучни фактори за одбрана од состојби како што е деменција, заклучи Наидо.