Заменикот-министер за образование, Љуљзим Алиу реагираше по повод обидот за разрешување на директорката на тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“, Теута Лала, која обвинува дека во името на градоначалникот одредени лица побарале да поднесе оставка. Заменикот-министер Алиу вели дека уцената и политичкото влијание е неприфатливо, повикувајќи го градоначалникот на Тетово и неговите соработници да не вршат притисок врз директорката и образовните установи.
-Затоа апелирам дека ваквата форма влијае негативно врз текот на образовниот процес и го намалува квалитетот на образованието, бидејќи таа е избрана согласно предвидените услови за избор на директор на една образовна институција. Сметам дека за ова треба да реагираат и надлежните органи, бидејќи случајот го пријавила и во Министерството за внатрешни работи-вели Алиу.
На прашањето – дали општина Тетово ризикува да ѝ бидат одземени надлежностите во сектор – образование, Алиу вели дека првин надлежните органи треба да се позанимаваат со случајот.
-Треба да се остави органите, како што се органите за внатрешни работи да го потврдат случајот и да се види дали има уцени или закани. Потоа и Просветниот инспекторат треба да ја заврши својата работа. Не може министерството да носи ад-хок одлука, тукутака, без консултација и со надлежните органи-рече Алиу.
Во врска со случајот, вчера попладне, лицата кои ги спомна директорката, Садат Сулејмани и Ваљдин Адеми беа повикани на разговор во Полициската станица-Тетово.
-Вчера (21 март) околу 17:15 часот, во СВР-Тетово се повикани лицата В.А. (33) и С.С. (46) од Тетово кои беа пријавени од 45-годишната Т.Л. од Тетово истиот ден околу 10:45 часот поради загрозување на нејзината безбедност и агресивно однесување. Во тек е расветлување и документирање на случајот-велат од МВР.
Директорката на тетовската гимназија, и во пријавата што ја поднела во полиција, но и пред медиумите рече дека Садат Сулејмани во име на градоначалникот на Тетово, Биљал Касами побарал од неа да поднесе оставка од директорската функција. Градоначалникот Касами негираше дека некој од општината ѝ се заканувал, додавајќи дека во нашите училишта има директори кои измислуваат такви работи.
