Обилните врнежи од дожд што попладнево го зафатија Битола предизвикаа проблеми во повеќе делови од градот, поради што екипи на ЈКП „Нискоградба“ се ангажирани на терен, соопшти Општина Битола.
Интервенции се извршени во населбите Стрелиште, Карпош и Стрчин, како и на повеќе улици и критични точки низ градот каде што се појавиле задржувања на вода и проблеми со одводнувањето. Активности се спроведуваат и кај Раштанскиот порој, одводниот канал во Горно Оризари и на повеќе сообраќајници.
Од Општината информираат дека екипите ќе продолжат со работа и на патните правци кон селата Раштани, Брусник и Лавци, со цел нормализирање на состојбата по невремето.
