Обилните дождови им ја поплавија куќата – жителите на Шутка се жалат, од општината велат дека има дивоградби

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Целиот двор и куќата се поплавени во вода по обилниот дожд од пред една недела.

Ова е куќата на Весна Димовска која заедно со нејзиното семејство живее во општина Шуто Оризари веднаш зад затворот. Кога започнало да врне, вели дека водата се собира во дворот на затворот, а од таму со големи пумпи истата се излева во дворовите на околните куќи. Оттаму минува и реката Серава, но велат дека и реката е преполна и нема каде да се излева водата.

Од обилните врнежи загрозен е и нивниот живот бидејќи можело да се случи електричен спој поради водата.

Од поплавите уништена им е речиси целата покуќнина.

Весна вели дека се е снимено и документирано и дека доказите се доставени до општината. Сега чекаат дали ќе бидат обесштетени.

Го контактиравме градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш кој ни рече дека тоа место е многу проблематично бидејќи се изградени многу дивоградби.

„Многу диво изградени куќи има во тој дел и практично, природниот ток на водата е спречена со подигање ѕидови и правење приватни дворови. Практично е стопиран природниот ток на водата. Порано тоа одеше во реката Серава но тие и тоа го затвориле, ставиле Ф-1000 цевка. Не е до канализација. Тие сами себе си направиле проблем, никој не е виновен што тие без никаков план и одобрение од општина толку диво изградиле. Од такви силни дождови и Дубаи се поплави“, вели Курто Дудуш.

Исто како и семејството Димовски, и општината Шуто Оризари чекаат проценка и одлука од владата за обесштетување на сите жители погодени од поплавите. Оштетено не е само семејството Димовски туку уште четири други околни куќи.