Објавен извештајот на Антикорупциска: Интегритетот само на хартија, но не и во практика

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во извештајот на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2025 година се наведува дека од 137 планирани активности, само 23% се целосно реализирани, 44% не се реализирани, а 33% се сè уште во тек. Најуспешни сектори биле образованието и економијата/бизнисот, додека најмал напредок е забележан во политиката, животната средина и јавните претпријатија. За периодот 2021–2025, вкупната реализација на стратегијата изнесува 37%, при што многу активности сè уште не се спроведени или се во тек. Комисијата даде и препораки до институциите за подобрување на спроведувањето на активностите кои не се во фокусот на идната стратегија 2026–2030.

„Во текот на 2025 година се преземени низа активности за зајакнување на интегритетот, вклучувајќи развој на политики, обуки и воспоставување алатки за мониторинг, но и покрај тоа, дел од институциите сè уште функционираат на ниво на формална усогласеност, без суштинска примена во секојдневната работа“, порачаа од ДКСК.

Анализата покажува дека системот на интегритет треба да премине од декларативна во оперативна фаза, со јасни процедури, механизми на одговорност и реална примена на правилата, особено во чувствителни области како јавните набавки, подароците и управувањето со дискрециони овластувања.

„Според податоците, се забележува зголемување на бројот на институции кои учествуваат во процесот, но сè уште постојат значајни слабости, како недоволна интеграција на антикорупциските политики во секојдневните процеси и недостаток на систематски мониторинг и контрола“, велат од ДКСК.

Извештајот нагласува дека клучен проблем останува фактот што многу институции ги усвојуваат потребните акти, но тие не се применуваат во пракса, што директно влијае врз довербата на граѓаните и ефикасноста на системот. На крајот се потенцира дека 2026 година треба да биде период на стабилизација и зајакнување на механизмите, со фокус на практична примена, мерливи резултати и зголемена одговорност во институциите.