Објавен списокот за баражот со Данска – Седлоски: На хартија се фаворити, но теренот одлучува

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Фудбалската репрезентација на Македонија и официјално го започнува новото поглавје со Гоце Седлоски на селекторската функција, откако тој го објави првиот список на фудбалери за претстојниот бараж натпревар за пласман на Светското првенство против Данска.

На списокот има неколку промени во споредба со претходните повици од времето на Благоја Милевски. Во репрезентацијата се враќаат Бобан Николов и Љупче Дориев, додека дресот на Македонија за првпат ќе го облечат тројца фудбалери. Станува збор за фудбалерот на Шкендија, Имран Фетаи, напаѓачот Дани Мусовски од американскиот клуб Сиетл Сандерс, како и десниот бек Себастијан Херера, фудбалер на Борац Бања Лука, кој поседува македонски пасош.

„Одлучив составот на играчи да не го менувам многу. Играчите кои ги одиграа квалификациските натпревари да останат исти, само да го освежиме тимот со неколку нови и неколку повратници, за да го заокружиме списокот со 28 играчи“, вели Гоце Седлоски.

Седлоски вели дека Данска е фаворит на хартија, но како што додаде, теренот може да промени сè.

„Нормално, играме против репрезентација каква што е Данска. Дури и ако имаат повредени играчи, тие имаат замени. Знаеме каде играат нивните фудбалери. Не се плашиме, ќе излеземе храбро, колективно, да играме еден за друг. Сите ја сметаат Данска за фаворит на хартија, но во фудбалот има многу работи што можат да се променат. Теренот ќе покаже сè во тој натпревар“, вели Гоце Седлоски.

Првиот собир на репрезентацијата под водство на Седлоски е закажан за понеделник. По кратките подготовки во главниот град, репрезентацијата ќе отпатува во Копенхаген, каде ќе го одигра полуфиналниот бараж натпревар против Данска.

Доколку Македонија успее да ја победи данската репрезентација, во финалето на баражот ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу Чешка и Ирска. Репрезентациите што ќе загубат од овие дуели ќе одиграат меѓусебен пријателски натпревар.