Обоистката Петрушевска суспендирана од МОБ – обвинувања за процедурални прекршоци, директорот ги негира

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова е Татјана Петрушевска – прва обоистка во Оркестарот на Македонската опера и балет.

Таа свика прес-конференција за медиумите за да се пожали, бидејќи, како што вели, е незаконски суспендирана од работа.

Како што објаснува, сè се случило на 26 јануари за време на пробите за балетот „Мадам Бовари“, кога влегла во конфликт со гостин-диригентот Едуард Амбартсумјан, кој, според Петрушевска, ја навредил пред сите и ја отстранил од пробата.

По ова, таа била суспендирана од работа со одлука на директорот на МОБ, Оливер Арсовски.

„Како уметник, веќе 30 години ја извршувам мојата работа без никаква забелешка, но во изминатата година јас и моите колеги бевме малтретирани, а сето тоа кулминираше со забрана за мој влез во МОБ и казна од 50% од мојата плата за наредните шест месеци, што исто така претставува прекршување на процедурата, бидејќи директорот сам не може да донесе ваква одлука. Овие негови одлуки се надвор од сите негови надлежности и уште еднаш го потврдуваат неговиот насилен однос и потребата да ја докажува својата супериорност.“, порача Татјана Петрушевска.

Директорот Арсовски, пак, изнесе поинаков став. Според него, неколку вработени и диригентот на претставата доставиле писмени изјави дека Петрушевска создава нездрава работна атмосфера. Тој додаде дека каква и да биде одлуката на Дисциплинската комисија, тој ќе ја поддржи.

„Таа ја доби одлуката за суспензија затоа што го нарушуваше работниот процес, колегите не можеа да одржуваат проби бидејќи таа постојано се однесуваше многу агресивно, како кон диригентот, така и кон одредени колеги. За да може да продолжи работниот процес, ја отстранивме со суспензија. Не станува збор за шест месеци – тоа е неточна информација. Според законот, додека трае постапката, во моментот кога Дисциплинската комисија – тоа ќе биде во понеделник или вторник – ќе утврди или нема да утврди одговорност, тогаш ќе се одлучи и за суспензијата.“, вели Оливер Арсовски.

Обоистката Петрушевска побара и Министерството за култура да преземе мерки. ТВ21 се обрати до Министерството за случајот, но не доби одговор.

За случајот реагираше и Синдикатот за култура, од каде мерката против Петрушевска ја оценија како незаконска и без правна основа.