Измените на законот за здравствена заштита со кој треба да се укинат економските директори помина на собраниските комисии. Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека со тоа ќе се заштедат околу 2 милиони евра, а работата на клиниките ќе биде поефективна.
„Ќе имаме многу поефективен начин на раководење на здравствените установи. Ова е веќе зборувано и ветувано со години уште од 2017 година не успеавме и сега мислам дека треба да не поддржувате, ние имаме наша визија за подобро организирање на здравствениот систем па затоа барам од сите вас поддршка за овој закон а помине“, вели Арбен Таравари.
Но обраќањето на министерот Таравари на македонски јазик предизвика бурна реакција од страна на Илире Даути од Алијанса за Албанците крилото на Села.
„Воопшто не е добро да министерот Арбен Таравари, албански министер во редовите на оваа влада за прв пат кога ни се обраќа нас пратениците Албанци во ова Собрание ни се обраќа на македонски јазик. Зошто го прави ова, мислам дека ќе го образложи во иднина“, вели Илире Даути.
Илир Хасани пак реагираше, зошто на време не ги добил материјалите од предлог измените на законот на време за да можат да ги разгледаат, туку ги добиле само час и половина пред да почне седницата на Комисијата.
„Ние како Европски Фронт нема да дозволиме да се понижува албанскиот јазик во Законодавниот Дом, тука од каде што потекнуваат сите закони. Воопшто нема да дозволиме да го отвориме патот кон непочитување и дискриминација на Албанците и тоа на сите нивоа на општеството“, вели Илир Хасани.
Но Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ бараше да се разговара за измените на законот, а не за употребата на албанскиот јазик.
„Ајде да разговараме како тоа на здравствените институции внатре во овој организиран здравствен систем во нашата држава ќе им ги анулираме долговите за да конечно може да има лекови понатаму. Ајде да разговараме како во Онкологија да има еден нормален организиран систем а не да разговараме дали некој му давал право на некого да разговара на некој јазик или не му дава право да разговара на некој јазик“, вели Бојан Стојановски.
Коментирајќи пак за предложените измени на законот Фатмир Битиќи од СДСМ рече дека ќе го поддржи законот, но дека со укинувањето на економските директори ќе се заштеди многу помалку отколку што се вели дека тоа ќе биде 2 милиони евра на годишно ниво.
